Петко Дабески. Наивности РОЕЊЕ Седмиот ден, и Создателот кога решава да се одмори и да фрли поглед назад на тоа што го направил, на нејзиниот седми ден од раѓањето, матицата излегува надвор од восочниот простор да го круниса челото од раскошната траекторија на сопствениот свадбен пат. За време на тој свадбен час таа мора да ги запамети сите можни бои и преливи на цветовите, кои потоа, во следните три години од животот на Мајка, во мракот на саќето ќе ги распознава само по нивните нектарни и поленови мириси и вкусови. Нејзините љубовници, останати со врвот од копјето во нејзиното тело, ќе умрат на крајот од свадбата во цветно блаженство. Како и оние што се дарувани со четириесет дена радолетно собирање нектар и амброзија и чии крилја ќе се истрошат во славјето на триењето меѓу воздухот пијан од мириси и копнежот за умножено подобие на образот. БУДЕЊЕ НА ВРАНИТЕ Се будат пред видело во темните крошни на платаните и под самотните стреи, со сонцето на првоосветлениот прозор. Се будат загадувајќи ја невиноста на просторот со хистеријата на црнокобните крици и мршогнилежната реа на отпадоците под провизорните легла над тротоарот. Се огласува илјадабројниот хор од хор-ото започнато во нервозен спирален лет што се растура во неколку крака од црна ѕвезда, за да се соберат повторно во еден куп од другата страна на црната дупка, според извежбаната маневра на мршојадниот инстикт. Се собираат во една разгракана магма од црна маглина што врие, ниско со работ на крилјата допирајќи ги цреповите од косините на покривите, пред да попаѓаат како црни гламњи, како црна чума по осакатените носачи на дрвјата. Ене ги кренати над хоризонтот од погледот, ниско засводувајќи го поднебесјето, здождено од хорски грактеж низ чија црна густина проблеснува само по некоја звучна проѕирка низ која се провира болно завивање на пес, загадочно грачење на осамен гавран. Ене ги вечно присутни, на отворено и на дождот нив што не ги изненадува, стојат и киснат како чадори од неподвижна погребна толпа, со клунови што се цедат во соседниот тил. БУКЕФАЛ Мнозина не прават разлика меѓу глушец и стаорец, меѓу стаорец и питом зајак. Кога ќе видат стаорец на две нозе исправен како Букефал, загледан во нив со поглед што ги бара оските на нивните зеници, викаат наглас "леле, колку една мачка". Стаорецот нема обичај да парадира и јавно да се прикажува на приредбите. Кога е веќе фатен во видното поле на намерникот како набрзина ја работи својата ајдучка работа, не делува дека тоа го чини од некаков страв туку само од ревносност кон секоја преземена обврска. Повеќе му е во природа да биде во сенка, и да дејствува подземно и ноќум. Во шуплините од ѕидовите и темелите, во канализацијата. Да биде невидлив. Не го гледаат, но за да не речат дека не е од овој свет, го слушаат зад некој ѕид, зад некој параван пред кој се пресоблекуваат пискотливи артистки. Го слушаат неговото систематично гризење на нешто тврдо што создава звуци од алати за неколку занаети. Отпрво помислувате дека соседот отворил механичарска работилница во дневната соба и струже метал со челична турпија во трета смена. Се појавува обично околу полноќ. Кога ќе се вслушаат подобро да ја одгатнат природата на звукот и да утврдат дали доаѓа одозгора од таванот или одоздола од под патосот, тој наеднаш прекинува со активноста. Секако не заради тоа што нешто го исплашило туку што го забавува туѓото љубопитство. Го возбудува приемот на нечујните фреквенции на вашето притивнато дишење, бранувањето на вашето немо вознемирување. А кога ќе го здогледате обично е веќе доцна. Не ќе ви успее крикот на изненадувањето ниту да го придушите, придржувајќи го меѓу два прста одгризаниот балкански полуостров на ушите. КАНАРЧЕ (Според Стојана) Имав канарче, ама и впечаток дека е недостојно уметник да се држи затворен во кафез. Син ми, дете на техничкиот напредок, ми велеше дека ако го пуштам надвор од кафезот ќе стане ајлаз, ќе шета и ќе се топори наместо да пее. Сепак, не можев а да не му ја отворам вратата од кафезот. Изгледа, од овој потег тој беше повеќе од сите изненаден и не се обидуваше долго време да го напушти просторот меѓу решетките. Кога веќе се реши да излезе, долго ја испитуваше собата, проверуваше дали е вистина или некаква подла итрина ова што му се случува и нè загледуваше како првпат да не гледа. Веројатно нè мириса- ше што луѓе сме, а можеби, со инструмент што само нему му го подарила природата и ни мереше интензитет од некоја физичка големина на некаква природна појава за нас уште непозната, но која што ја манифестираме со нашите свесни и скриени намери. После тоа, секако откако тестовите му испаднале прифатливи, почна слободно во наше присуство да застанува на масата, да колва трошки од кошницата со леб. Да ни слетува на рамењата и на врвот од главата. ОД ИСТА ЧЕШМА МЛЕКО Ако е човекот некогашен мајмун конечно слезен од дрвото, делфинот е човек засекогаш спуштен во морето. И плива до денес сè околу нас непризнатиот брат, го живее нашиот прекинат сон од којшто се будиме со острица од паничен родилен плач во приземнетиот ни глас. Пливаат делфините во природната средина на нашата незапамтена родителска постела. И не излегуваат повеќе на суво. Не се оставаат меѓу себе на цедило. Нивните неамбициозни планови не паѓаат во вода, вода не ги поткопува нивните кули од песочна надеж. Некогаш сме пиеле од истата чешма млеко. Сега нивните преубави тела се лизгаат во елементот вљубен во хидродинамиката на идеалната форма. Немаат раце за фрлање клетви и камења, за да креснат под барутниот фитил на светот. Немаат обичај на прашање како сте, за лошата состојба да речат арна, ниту сами да си поставуваат стапица планетарна. За нивното вишо знаење незапишано во трошните книги зборуваат восхитените очи и гласот на среќни деца за чија чујност постанало глуво нашето средно уво. А знаат секако тие и некоја заедничка тајна заедно со немуштиот говор од нас заборавена и се радуваат при секоја средба со нас како да е и љубовна и прва. Нивните од добивка неизнудени обиди поблизу да ни се доближат секогаш се посилни од сите искусени предавства на харпунот на чиј срамен врв ја пречекуваме нивната непрефатна прегратка. ТРУСОВЕСНИК Ветрот е создаден повеќе од знаци на сеопшто довикување отколку од струење и вибрации на честичките од воздухот. Не слушате ли како се довикуваат меѓу себе капките во шурките од дождот, лисјето во круните, срните во шумата, утовите во шупливите темници од дабјето. Срните што излегуваат на чистина пред очи на волците и цевките од подигнатите пушки, утовите што ја напуштаат старовековната филозофија на ноќта. Лаговите одекнуваат од вознемирени црцорења и грактежи, певиците се јавуваат во ниедно време и доба. Гласот на кукумјавката ја распорува утробата на пладнето, јасниот довик на кукавиците кристализира во следениот воздух. Стоката во пондилите сита и напоена рика и се трга од ропството на оглавите и синџирите стрижејќи со ушите, мавтајќи со знамињата на опашките. Кучињата гребаат зад затворените прозори и врати, лаат и завиваат трчајќи по обем на имагинарни кругови. Мачките ги оставаат зад себе визбите и перниците, го симнуваат накотот од таваните во градините. Пилињата не можат да се отераат на спиење, птиците во кафезите со главите, клуновите и крилјата удираат по шипките и ѕидовите и од внатрешен напон гинат. Пауните вознемирено врескаат покрај монашките ќелии во манастирските дворишта. Змиите, среде зима се будат во дупките од белиот сон, излегуваат лазејќи до вкочанување на мразот и снегот. Црвите се извлекуваат од својата хранлива темница и од нив врие просторот и виделото над земјата. А и на кртиците веќе не им е добро в земја штом виното се мати во каците, сокот во зрното. СТАРИ ГРАДБИ Нa градбите во просторот и на просторот во градбите гледавме некогаш како на божја убавина што морала сама од себе да биде создадена. А сега, кога ги гледаме од скалите на овие години фонтаните и фигурите од камен, во надигрување со водата и светлоста, парковите и дрворедите, кулите и катедралите во приморските места, си помислуваме: колку е благородно и тешко сето тоа да се замисли од ништо, да се стави над хартијата и тлото. На крајот и каде да најдеме, кога не најдовме ниту за селска чешма, толку скапоцен наум, злато и упорство, за да ги пазариме и исплатиме мајсторите и уметниците со неовоземен марифет. СТОМНИ Во детството видов многу стомни, во разни големини и мајсторски работилници направени, од обични, до емајлирани и шарени. Меѓу сите нив, две не можам да заборавам. Едната што одеше на чешма со убавата прстенувана рака на невестата, во бело и црвено променета. Другата, застаната во темно-зелената сенка на јасиките в поле, со уста нежно прекриена со свиткани неосквернети латици зеленило и со око вгледано во жолтото снопје и мирисните откоси. Но, кој има срце да го заборави и нејзиното дете-букаре, со една рака сите што го подигаа радосно во височина, а тоа со секого уста до уста и со кикот шеговит како да го скокоткаат по мешето. НАФОРА Седнат на скалите од куќата го делкам сувиот леб во правилни режани парчиња и го јадам со посебен апетит и некаков озарен израз на лице што не е обземено од достасана глад на деветгодишник туку од нешто што секој не го гледа. Некој, чувствувам, дека низ затворен прозорец ме набљудува и се чуди, не претпоста- вувајќи што е тоа навистина што се случува. А и не може да види дека јас, џвакајќи, пред своите очи на растојание од неколку недели, сè уште ги гледам сезонските работници Љубе и Асан, после неколкучасовната работа на сечење и расчистување багремарник како ужинаат. Како во торжествен спокој, со специјална свеченост на прстите го вадат лебот, селската пченична погача, од црвеното, со четири краја во еден јазел врзано шамивче. Како го режат, со наострените сечила на чакиите, во правилни, крупни залаци, како нафора. И како, еве, како јас сега и на овие скали, го принесуваат, со потези на свето литургиско чинодејствие што не може до крај верно да се опише, туку само приближно да се поддржува, заедно со острицата на ножето, до жртвеникот на устата. НАПЕВ ДАЛЕЧЕН Една чудесна мелодија од напев познат, а недофатлив, една мелодија своја по своето што доаѓа од предалеку само сама кога ќе посака, од некое свое предалеку, од еден сон ли беше во детството и самото веќе сон, ме наоѓа секогаш на исти години и меѓу исти јорговани на вознес затечен. Еден напев по свое наоѓање што се враќа со години и по години за да се загуби повторно во своите далечини, во блиските далечини на зелените ливаѓе од едно детство под озарје што се капе во блажевина и цутје од животен прекип. Еден напев од согласни гласје на моми и невести, од високи и долги недоискажливи гласови, од гласови на ангели прегрнати што пеат, од прегрнати гласови што меѓусебно ги распознавам меѓу сите други во шумите на многугласието. Од бестелесни гласови за кои сè помалку имам телесно чуло, а сè повеќе струни што можат само со трепет од милозарна жал од растојание сè да допрат. ЛУЊА НАД СВЕТИ НАУМ Ноќ над манастирот. Светкавици. Во аголот од собата на манастирските конаци с'скање на змија од електрични искри. Потоа, грмотевици со канонади споредливи само со рушење на небесата (кршилом на триста небесни чардаци, тркалање на едно небо преку друго). И едно громиште со звучен сатар што го пресечува просторот како лубеница. А одоздола нагоре, од длабините на земното постоење, само возбудениот, само спротивставувачкиот, можеби и престрашениот за миг натприроден вресок на пауните во летната ноќ. ШЕПОТЕЊЕ Перницата шепоти со настојчивост на неуништлива вода што ги поткопува во корен бедемите на кулите. Особено ако е на хоризонтот сребро од полна месечина на бедро, едро што ги освојува најзафрлените брегови на светот. Разбрануваните шепоти на сопствените фреквенции ги надвишуваат сите замисливи амплитуди. Од шепот се урнати илјадагодишните темели на царствата, потпорните столбови на мостовите, клучните зглобови на конзолите. Шепоти лисјето во притаеното уво на полноќната вода за наслутените средби на заспаните под темелите на постоењето. Шепотат апостоли и јуди на тајни вечери. наведнати бочно со главите и рамењата во таинствено исчекување на прореченото и заговореното. И Христос на распетие шепотеше иако ги знаеше однапред сите агли на стрмините под нозете и на угорницата со тежината од крстот на плеќите. Шепотите и сами гледајќи во неверување со шијата во вилата на подбивното небидие. Секој како да шепоти пред себе, за себе и во себе. Секое племе се дошепнува со мелодијата на сопствените хорски шепоти. Дури и тие што не беа досега чисти поклоници на шепотењето веќе се враќаат дома шепотејќи. ГУБЕЊЕ Губиш неопходно трпение при самиот крај на трпењето. Ја губиш безразложно тешко стекнатата доверба. Ја губиш довербата во стопати провереното. Ја губиш терезијата со која си роден, останувајќи без вроденото чувство на мерка и пропорција. Ја губиш проводноста меѓу крајните контакти на реалноста. Го губиш патот по средината на нужниот компромис. Губиш допир со гнилите штици под нозете. Губиш воздух под последните замаси на крилјата. Го губиш крилото над калта и правот што ќе те вознесе. Ги губиш конечно сите претходно добиени битки. Го губиш здивот на половина чекор пред целта. Ја губиш целта цел живот кон која си го упатил. Губиш реални изгледи за достоинствен опстанок губејќи ги дарбите што не се обиде да ги злоупотребиш. Губиш имунитет од угриз на клеветнички збор. Се губиш во непознато на неспознатлив начин, губејќи го незакажаниот нерамнопра- вен дуел со судбината. ИЗЛЕГУВАЊЕ Уште ли не си излегол? Излези од распуканата тврдина на недоносеното време, од песочната кула фрлена како црна ракавица в небо, од тоа кесонско ѕвоно со ѕидови од пајажинест меур каде што се врткаш со пцовисаното куче на безбојното катад- невие и го тимариш со болна нежност слепото магаре на својата сива надвореш- ност. Излези од сопствената урна пепел обградена со оникс, цвеќе и почесни салви, од тесниот гулабарник каде потцупнуваш занесувајќи се на една страна со едно пресечено крило. Од таа опскурна кутија, од тоа распетие меѓу може и не може излези, да бараш излез ниту процеп кога нема, да удираш со распукани тупаници по ѕидиштата од кремен, со погоденото срце по ехото од саркастичниот смев, наместо да чмаеш свиткан во заметна спирала со глава склонета во скут од чиста торба. Не измислувај пушка чии куршуми паѓаат како од беда по парабола на слободно пуштена вода од расчекорено и со напрчено меше дете, не измислувај сабја што се крши како леб на тесна трпеза пред гладна челад. Туку излези од тоа запечатено шише фрлено во рамнодушно море и најдено после три наши животи, излези од таа прекрасна во кристал затворена бајка каде распродаваат ветувачка нежност обли девици, излези на ова грубо поле каде блескотат молњи и пцујат туѓа мајка, меѓу луѓе и змии, соколи и грмотевици. СВИОК Во секого е депониран програмиран запис за очекување на неочекувана пресвртница. За некого можеби единствена седумка на лото, единствена тринаесетка на спортска прогноза, главна премија на некоја уште неизмислена игра на среќа. Се очекува пресвртница што ќе го измени жвотот од корени, што ќе го направи поубав, подостоен, повозвишен. Никој, се разбира, никој, не ја замислува таа пресвртница како свиок, со остра кривина и лута тангента по чија насока ќе бидеме отфрлени од животната траекторија на некој слеп колосек од постоењето, далеку од секоја заслуга и достоинство. Никој зад свиокот не очекува ѕид и зад ѕидот скриена дигната рака што како гилотина се спушта над голата глава од надежта. БЕЛИ МУГРИ Егзекуторите во цивилизираните земји одамна се служат со егзактни и хуманизирани методи штом стрелањето веќе не го прават кога кому ќе притекне или пак на ден пладне, туку само в мугри. Во она доба што само за петлите не е глува и кога во иста постела спијат и ноќта и денот. Контурите на предметите кога сè уште не се востановени, а свеста човечка лебди како призрак меѓу опојноста на сонот и неизвесноста на јавето. Во онаа ничија доба, на човека дури и кога се движи сè уште му спие душата, а можеби и му скита низ астралот. Не би ни дотекнало дека в мугри со куршумот се одзема само една третина до една половина од чувството за сопственото битие. Ничијата, за разлика од никојата доба (околу полноќие) која според верувањата им се препушта за ноќни активности на нижите бестелесни созданија, отсекогаш плаче да биде нечија. Оној што овладува со неа според непишано правило приграбува силум и нешто нечие. Од дамнини се бројат нападите започнати во рана мугра не би ли се затекол противникот на спиење после славеничко пиење. А има денови составени од недостиг на време и незавршени обврски кога не се решаваме да легнеме, од некое исчекување дека штом склопиме очи некој ќе не бара за неодложна работа, а дека со самото легнување би демонстрирале само недопуштена негрижа и неодговорност за светот на другите. Таквиот живот во такви денови не само што е споредлив со изведувањето на стрелање в мугри, туку, туку уште повеќе, и ако куќа не направивме лажејќи се дека куќа цел свет братски ни е, рамен е на рамнодушноста дали ќе биде на измама од свои или туѓи одземен пред да го изговориме горниот наслов. ЛИВАДА Пак воена ситуација. Во алишта на резервен воен старешина свраќам во една фабричка хала, таму маса работници. Сите загрижени, никој никого не поздравува и не познава. Се качувам на спрат по едни железни спирални скали. Таму, повеќе жени, прашувам една за која претпоставувам дека е секретарка, каде е управата. Ми покажа една просторија, внатре беа веќе Боре од гостиварската електродистрибуци- ја и двајца други луѓе, негови познаници. Излеговме на извидување. Еден од нив зборуваше за водата што од Вруток треба да се пушти по Вардар кон Тетово. Качени на еден насип, под родното сувогорско село на нашите татковци, гледаме долу, преку патот една убава ливада, јасно омеѓена, но без посебна ограда. Ливадата да ти биде наша. На неа пасат бела крава и едно теле и бела овца со јагне. Ги чува едно дете од нашата фамилија. После некое време детето се оддалечува од ливадата, но само колку да повика некого, дали стрико ми, дали брат ми. Во тоа време покрај ливадата поминува друга овца со јагне. И по ова јагне истрчува и нашето. Јас потрчувам низ насипот надолу по нашето јагне, да го фатам и да го вратам во ливадата, а тоа потскокнува како малечко и итро петле и не ми се дава в рака. АТОМСКО ЈАЈЦЕ Ниско, над самите оџаци и покриви од куќите лета гулаб. Наместо сламка или пердув, наместо маслиновото гранче на ноевата гулабица, грабнато од плакатите за прослава на денот на божем Обединетите нации, во клунот држи долга врвка на чиј крај се ниша и занесува некакво јајце. Некој втор или трет глас во внатрешното уво како за себе да шепоти дека е тоа мало атомско бомбиче, се разбира, како и секое мало новородено создание, се уште нежно, невино и кршливо, небаре прво јајце од јарка. Ќе падне, ќе му се слизне од клунот или во летот ќе удри во нешто од нерамнините на пределот, помислуваме и ние, меѓу оние долу, загледаните, и ќе блесне со свет- лина од стотина сонца. Не знаеме дали можеби имаме или немаме доволно време за да нè фати некаков вистински страв заради тоа што ќе се гине, но на сите како да ни е криво што некој очигледно понеправеден од сите со потспрдна шега се поиг- рува со нас и на толку беспричински начин решил од лицето земно да нè снема. Нешто како в среде игра на сон некој кошулата на будењето пред очи да ни ја краде и бесповратно да ја гори.